Освежување на македонската кино сцена (Рецензија за филмот „Три дена во Септември“)

Три дена во септември (Three days in September)

12122425_977370488976329_4934297502779737052_n

режија: Даријан Пејовски
сценарио: Игор Иванов – Изи, Даријан Пејовски
главни улоги: Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова
продукција: Македонија/Косово / драма, трилер / 2015 година / 90 мин
оцена: 4.5/5

Морам да признаам дека ретко гледам македонски филмови. Меѓутоа сум доста запознаена со тематиките кои најчесто се обработуваат во нив – тешкиот живот и историјата, маките на Македонецот итн. Тоа (донекаде) го очекував и овој пат. Сепак пријатно бев изненадена по гледањето на најновиот македонски филм „Три дена во септември“, првенчето на режисерот Даријан Пејовски.

10830974_904196316293747_4205383624095211858_o

Најпрво морам да го пофалам изборот на актерската екипа во која нема ниедно промашување. Носителките на главните улоги, на прекрасно комплексните ликови Јана и Марика, се Ирена Ристиќ и Камка Тоциновски, кои на суптилен начин, минималистички ни ги доловуваат сите емоции, дилеми, турбуленции на нивните ликови. Вивидно суров и безмилосен, но и реален, е и ликот на Генц, игран од Адем Карага. Кога подобро ќе размислиме сфаќаме дека сме виделе огромен број на генцовци во нашата околина. Филмот добива многу и од искусната игра на Салаетин Билал (таткото на Генц) и Милица Стојанова (тетка Анка).

Шарматни грешки

Самата приказна се развива постепено, има логично следство и не е збунувачка, туку претставува вистински мистерија предизвик. Убиството кое Марика го извршува на самиот почеток дејствува како катализатор за сите понатамошни настани. Нејзиното запознавање со Јана во возот и развивањето на нивното пријателство следи едно благо темпо на отплеткување на клопчето на настаните, но тоа е потребно за да ги запознаеме ликовите на начинот на кој сака режисерот. Во вториот дел приказната „забрзува“ и веќе навлегуваме во мистеријата, која е на ниво на било кој Холивудски филм (без да се труди да ја имитира нивната излитена шема).

11169549_904196219627090_7770019885148090441_o

Тука има и некои сцени, како моментот кога Јана и ја раскажува својата приказна на Марика, на кои им недостига малку моќ. Во оваа категорија спаѓаат и некои (можни) недообјаснувања на плановите на Марика и Јана. Меѓутоа ако биле изведени на друг начин овие сцени можеби и би биле клише или излитени, па не би сакала премногу да критикувам. Сепак тие воопшто не му одземаат нешто на филмот. Напротив служат како шармантни „грешки“ во ова првенче.

Свежа приказна, реална приказна

Камерата е сигурна и крупните кадри кои во фокусот ги даваат сите емоции на ликовите, оние скриените длабоко под површината, но се тука за секој оној кој малку подобро ќе погледне да ги одгатне. Местата за снимање, Јасен и Преспа, се одлично избрани и ја прикажуваат нашата земја во полн сјај (иако всушност местото каде тие се и не постои во таква комбинација од село и езеро). Музиката пак само го надополнува текот на приказната и воопшто не пречи во нејзиното одвивање.

11148833_904196042960441_7450456874700869694_o

Морам да заклучам дека ова е еден од најдобрите филмови кои се направени во последните години во Македонија. Во него гледаме една нова свежа приказна, реална приказна, која кога ќе размислиме и не е толку далеку од секојдневието. Нека ова освежување на македонската кино сцена претставува нов бран во македонската кинематографија, кој ќе трае уште долго и ќе се развива.

Рецензијата е објавена во списанието Мој Клуб.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s