Петочна поезија: „Петто Писмо“ – Петре М. Андреевски

Петто Писмо 

(Од циклусот Пет љубовни писма)

А те барав во учебниците, те барав низ вековите,
во заседите на ветрот, во прангиите на зимите,
во неразбраниот срам на хоризонтот пред зајдисонце,
во неразбирливиот копнеж на ракатката – тутун,
што се дипли и оддиплува меѓу прстите,
во раскуќената светлина од слепите и мртвите,
во рамнотежата меѓу минатите дни и идните ноќи,
во ропството на душата од дувачите на стакло.
Те барав во нагласокот од непознатите јазици,
во отседланите вечери и празните постели сред поле,
во вчудовидената јаглика на увото на билјарките,
во интерпункцијата од говорот на уплаканите деца.
Те барам во жестоката можност за обединување
на мојот раштркан народ,
во стракот киселица, во неупотребениот воздух,
што ги караше и миреше соседните села,
покрај наковалните од жешките и женски пладниња
меѓу овошките упатени кон својата сезонска цел,
во иглата што го зашиваше темното и светлото.
Те барав, наслушнувајќи го подземното тапанче
што беше срцето на успаните жетвари.
Те барав зад небото, во небеските кртечини,
во непрочитаниот струјомер од угаснатата светулка,
во атентатите од моите луѓе на моите луѓе,
во непроучената постојаност на страните од светот,
непроучена, а разбрана како постојана денгуба.
Те барав во незавршениот страв на ѕвездата што паѓа,
не можејќи ништо да допре во просторот.
Те барав, те барав, во сè и сешто,
Те барав, а барајќи можев само да те сретнам,
но не и да те најдам, но не и да те најдам.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s