Рецензија: „На работ од времето“ – Моника Трајковска

Оцена: 5/5

Оваа рецензија содржи спојлери!

„На работ од времето“ е првенчето на младата македонска авторка Моника Трајковска. Станува збор за „возбудливиот прв дел од научнофантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ ве воведува во Новиот Почеток, совршениот свет од иднината, во кој не постојат неизлечиви болести, сиромаштија, криминал, војна… или барем навидум е така,“ како што ни кажува задната корица на книгата.

Она што најпрво го привлекува вниманието кај овој роман е изборот на тематиката и жанрот., кој е доста редок во нашата литература. Се работи за научнофантастичен роман за млади (YA novel) со дистописки елементи. Ако би морала да го дефинирам тогаш би рекла дека во него гледам комбинација од X-Men (поради генетиката и мутациите) и Maze Runner (поради апокалиптичноста и дистопијата).

Изборот на главната тема е доста специфичен. Генетиката е тематика која не е толку честа во секојдневниот живот и со која просечниот читател (како јас) веројатно не е запознаен. Затоа и не можам да судам колку добро е истражена оваа област. Сепак морам да кажам дека е одлично вклопена во романот. Ако ништо друго, делува како авторката да посветила многу време дружејќи се со „учебниците“ по генетика.

mutation

Хероината на овој роман се вика Вероника. Таа е девојка која е заштитена од целиот свет, бидејќи според правилата на општеството во кое живее таа не би требала да постои. Она што е различно кај нејзе е мутацијата која се крие во нејзините гени, а и дава посебна моќ – моќ за пристапување до четвртата димензија односно време-просторот. За да ја активираа оваа моќ Верноика мора да биде под влијание на силни емоции, кои потоа ќе ги исконтролира и со целосна концентрација ќе ја предизвика промената која ја посакува – ќе ја промени локацијата во истото време или ќе се врати назад во времето.

Таа е и нараторот кој не води низ овој свет и ние него го доживуваме преку нејзините очи. По исчезнувањето на нејзините родители, таа е принудена да го напушти својот дом и да започне со истражување на светот од кој досега била скриена. Светот го открива полека и во нејзините мисли и зборови можеме да ја забележиме нејзината наивност, произлезена од заштитеноста, но и нејзиното чувство на восхит со кое доживува се околу себе. Нејзините реакции можеби изгледаат преувеличено и претерани за нас, но се всушност нормални за некој кој бил толку заштитен. Една од најинтересните работи за нејзе е што понекогаш изгледа како да ги пропушта најважните моменти.

Нарацијата е добро водена и голем акцент е ставен на анализата на емоциите. Вероника ги анализира своите емоции и реакции на одредени ситуации, но и тие на другите ликови, на тој начин проценувајќи ги нивните намери и нивниот карактер. Тука се забележува познавањето на психологијата од страна на авторката. Иако некогаш изгледа дека премногу навлегува во детали во поглед на емоциите, подоцна можеме да забележиме дека тоа е важно за главниот лик и придонесува за нејзино разбирање. Оваа книга покажува каков ролеркостер од емоции може да биде животот.

kniga-na-rabot-od-vremeto-trilogija-nasledstvoto-na-veronika

Како поважни ликови се издвојуваат: Дијана (најдобрата пријателка), Мартин (момчето), Марко (пријателот), професорот, научникот Туари, како и Себастијан, човекот од огледалото.

Дијана е личноста која всушност ја воведува Вероника во светот на луѓето кои живеат надвор од совршените градови. Таа за кратко време станува нејзина најдобра пријателка и и помага на Вероника да се справи со новите нешта кои доаѓаат на нејзиниот пат. Таа порано била во врска со Марко и тој во една ситуација се жртвувал за да ја спаси. Затоа таа во еден момент вели:

„И тогаш сфатив, во овој свет љубовта не е сила, таа е слабост. Да немаше тој чувства за мене, ќе дозволеше да ме одведат и немаше да се доведе во ситуација каде што неговиот живот ќе виси на конец. Истото важи и за моите родители. Да не ме сакале толку многу, сигурно немало да се жртвуваат за мене. Единствениот начин да се преживее во овој свет е доколку себично се грижиш сам за себе и доколку не дозволиш да развиеш чувства кон друга личност, за која можеби некогаш во иднина би посакала да го жртвуваш својот живот.“

Иронично е што таа сепак ќе дозволи љубовта за друга личност т.е. Вероника да ја надвладее и тоа е тоа што ќе ја предизвика нејзината смрт. Подоцна кога Вероника ќе се обвинува за смртта на нејзината најдобра пријателка, Мартин, во сцената која ќе го означи почетокот на нивната врска, ќе рече нешто многу важно за улогата на Вероника во нивниот свет:

„Постојат луѓе на кои им значиш повеќе отколку што мислиш. Вредиш повеќе од било кој човек на оваа планета и ова не го кажувам само затоа што имам силни чувства за тебе. Твоите гени можат да помогнат да се врати човештвото онаму каде што навистина припаѓа. Дијана го знаеше тоа и токму затоа го направи тоа што го направи. Но тоа не беше најважната причина. Ти допре и до неа, исто како што допре до сите нас. Со својата невиност и искреност донесе свежина во нашиот мал круг луѓе и не потсети што точно значи да се биде човек. Покрај тебе, сите ние првпат се почувствуваме живо иако веќе долго време одиме меѓу живите…“

Нивната врска е спој на спротивности. Тие меѓусебно се поддржуваат и надополнуваат. Во неа можеме да забележиме некои клише тропи кои се наоѓаат во голем дел од романите за млади – Мартин е замисленото и искусното момче, а Вероника е наивната и неискусна девојка. Во овој поглед не можеме многу да и забележиме на авторката, бидејќи ова е можеби и неизбежно во дебитантски роман од ваков тип и е нешто што делумно влече потекло и од жанрот.

Главниот негативец е Себастијан или како што на почеток го запознаваме – човекот од огледалото. За него немаме многу податоци освен дека работел со родителите на Вероника и дека има слична моќ како неа. Тој е толку добро напишан што уште од првиот момент и веруваме на Верноика и ја делиме нејзината омраза кон него.

20161020_140721-01.jpeg

Живописните описи совршено ни ја доловуваат атмосферата во овој нов свет и јасно можеме да си ги замислиме како Совршените градови, така и разуранатиот стар свет. Градот на бунтовниците е исто така многу реално доловен. Посебен шмек на целата оваа креација и дава напредокот на технологијата и на науката, кој е навистина воодушевувачки. Сепак не е тешко да се замисли дека еден ден човештвото ќе располага со такви уреди и дека ќе разбира толку многу за светот околу себе.

Ова е книга за секој оној што се чувстува како да лебди во времето. За секој кој повеќе од една има посакано да може да се врати и да ги промени работите што му се случиле. Неверојатниот крај покрај тоа што ги поставува основите за следната книга во трилогијата, го поставува и прашањето – колку од себе треба да жртвуваш за да ги спасиш оние кои сакаш?

Промоција на романот вечерва – 20:00, Јавна Соба!

Advertisements

2 thoughts on “Рецензија: „На работ од времето“ – Моника Трајковска

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s