Интервју со Калина Малеска: „Отсекогаш сум имала потреба за демистифицирање на се“

Калина Малеска е македонска писателка, преведувачка, книжевна теоретичарка и професорка. Има издадено две збирки раскази: „Недоразбирања“ и „Именување на инсектот“, два романи: „Бруно и боите“ иПризраци со срмени нишки“, како и драмата „Случка меѓу настани“. Има напишано повеќе книжевни есеи кои се објавени во повеќе македонски и меѓународни списанија. Се занимава и со преведувачка дејност, а некои од делата што ги превела се: „Она што беше небо“ на Владо Малески, „Тристрам Шенди“ на Лоренс Стерн, „Сестрите Макиока“ на Џуничиро Танизаки итн.

Повод за ова интервју е нејзината последна збирка на раскази, „Мојот непријател Итар Пејо“, која во печат излезе кон средината на декември, а беше промовирана вчера во клубот ГЕМ во Скопје. Промотори на книгата беа Оливера Ќорвезироска и Зоран Анчевски. Со Калина поразговаравме за мотивите зад збирката, обединувачкиот принцип зад расказите и важноста на хуморот, како и за новиот феномен на Фејсбук литература и состојбата на преведувачката сцена во Македонија.

3Н: Како настана збирката раскази „Мојот непријател Итар Пејо“?

Калина: Па, настана со секојдневно соочување со разни проблеми на приватен план или, многу почесто, на општествено-политички план. Многу е тешко човек да не се чувствува изнервирано, исфрустрирано, очајно, беспомошно, кога секојдневно се среќава, особено во Македонија, со некои апсурдни ситуации, за кои има решение, но или се нема волја или се нема капацитет да се примени тоа решение. Тој очај и гнев и таа лутина се обидувам да ги канализирам низ пишување раскази. Инаку, расказите што се во збирката се пишувани во последните 3-4 години и кога имаше доволно раскази, од кои што сметав дека можам да направам еден избор, тогаш решив да ги објавам како збирка.

3Н: Што стои зад насловниот расказ? Можеби некоја потреба да се демистифицираат приказните за Итар Пејо?

Калина: Сигурно. Отсекогаш сум имала потреба за демистифицирање на се, така што пред отприлика една година кога во еден контекст прочитав петнаесеттина приказни за Итар Пејо сосема природно ми дојде да го прикажам овој лик од еден сосема поинаков аспект, односно да го демистифицирам. Имено, кога сме ги читале расказите за Итар Пејо, барем јас така го доживував тоа кога бев во основно училиште, цело време се провлекуваше една слика за Итар Пејо, според која Итар Пејо е еден итар, снаодлив човек од народот кој секогаш успеава да се извлече од се со својата итрина т.е. да се извлече од разни ситуации и проблеми. Кога го читам сега, многу години подоцна, гледам дека веќе не би го опишала со тие зборови Итар Пејо. Сега го доживеав како лик кој секогаш се обидува да ги исмее своите соселани, да ги надмудри, па дури и некогаш да ги доведе до живото-загрозувачка ситуација и тоа само затоа што во некои случаи не ги послушале неговите совети, го налутиле со нешто или едноставно некогаш направиле нешто што тој сметал дека е глупаво. Тој со тоа ги исмева и станува еден јунак од фолклорот. Поради тоа почувствував потреба да воведам и еден друг лик кој ќе биде негов антипод и ќе биде за преведност и чесност, па на тој начин да се сврти перспективата од друг агол.

Сметам дека е многу важно и да си го знаеме нашето културно наследство. Преку овој расказ [„Мојот непријател Итар Пејо“] се обидувам и тоа да го промовирам. Но познавањето не значи дека секогаш треба да го пофалиме или славиме, туку може да има и поинакви начини на надоврзување – пародија, иронија, гледање од друг аспект. Може да има различни начини за воспоставување врска со нашето културно наследство и тоа е многу важно бидејќи со тоа ќе научиме многу за нас како култура или народ – какви сме, дали сме се измениле и дали нашиот менталитет се изменил во последните децени или векови.

15232198_10211378996335260_3356395480474254557_n

Фото: Мартина Јанеска

3Н: Интересно е и тоа немање на идентитет на нараторот. Баш тој фолклорен глас.

Калина: Да, затоа што веројатно постоеле и такви луѓе, но не доаѓале до израз и затоа беше таа идеја за да нема идентитет и име. Мислам дека таквите луѓе секогаш биле потивки и историјата едноставно ги премолчувала, затоа што не доаѓале до израз.

3Н: Постои ли некоја обединувачка тема или некој принцип зад расказите? Бидејќи навидум кога ги читам сите се со многу различни тематики. 

Калина: Постои, да. Точно е дека сите имаат различни тематики, но се провлекува еден лајтмотив. Прво, во секој расказ, помалку или повеќе, или во речиси секој расказ, има ликови кои имаат итарпејовски особини. Такви ликови живеат и денес, а не само во минатото. Има ликови кои со насилство и со наметнување на своите ставови, кои ги маскираат како итрина, снаодливост или фраеризам, успеваат некако да се наметнат во околината. Но тука се затоа и оние другите ликови кои им се спортивставуваат. Најчесто во расказите тие неуспешно им се спротивставуваат, но барем има некој да им се спротивстави макар на крајот не успеале ништо да издејствуваат.

Уште една заедничка карактеристика што се провелекува низ сите раскази е мојот обид за преиспитување на некои вредности, кои што сметам дека навистина има потреба да се преиспитаат. Дел од нив се некои традиционални вредности кои веќе подолго време опстојуваат, како оние во „Мојот непријател Итар Пејо“ или пак во расказот „Господарот на маалото“, каде што ликот на Мицек промовира некои вредности кои во нашата средина опстојуваат барем пет-шест децении, па и подолго. Во други случаи, се обидувам да се спротивставам или да преиспитам и некои ново-наметнати вредности, на пример во расказот „Како да се напише комедија“, драмата „Метаморфоза по свој избор“ или во расказот „Преобразбата на Етја Шарената“. Има некои вредности кои што мислам дека се етаблираа во последните две децении и за кои што сметам дека постои насушна потреба да се преиспитаат. Тоа се оние лајтмотиви кои се провлекуваат низ сите раскази.

16776226_10154309789618161_929250078_o

Од промоцијата на „Мојот непријател Итар Пејо“ (ГЕМ клуб, 13.02.2017)

3Н: Колку е важен контекстот за една приказна?

Калина: Контекстот е важен. Но мислам дека едно добро напишана приказна треба да може да функционира и без да е познат контекстот, односно дури и кога читателите не би знаеле на кои работи од реалноста реферира, односно упатува расказот. Доколку се знае контекстот, што ја мотивирало ситуацијата во приказната или на што се однесува од реалноста, тоа сигурно ќе го збогати толкувањето, но мислам дека ако не може да се разбере расказот без да се знаат тие надворешни факти, тогаш тоа не би бил толку добро напишан расказ. Секој расказ треба да си функционира и без тие контексти.

3Н: Важно ли е да можеме да се смееме на самите себе и на дургите околу нас? Нормално тоа да не биде некое навредливо исмевање.

Калина: Па може и да биде, бидејќи е многу тешко хуморот да не биде навредлив за никого; веројатно секогаш е навредлив за некого, затоа што поентата на хуморот е да се исмее нечија особина  или некоја бесмислненост од реалноста, така што веројатно е невозможно да се очекува да не биде навредлив за никого. Но и тоа е во ред.

Многу е важно да може да се насмееме на себе, да има една самокритика и самоиронија. Затоа што немањето на самокритика значи немање свесност за тоа како гледаат на нас другите луѓе и колку некои работи кои ги правиме може да изгледаат смешно или  дури и банално во некои случаи. Секогаш треба да се погледнеме низ очите на другите и можеби тогаш ќе откриеме нешто повеќе за себе. Затоа е многу важно да се насмееме на себе и на другите. Суштината на хуморот не е само да не насмее, туку и да поттикне на размислување.

1928930_10154145320772323_4311450757504429276_n

Фото: Лилика Стрезоска

3Н: Што мислите за новиот феномен на Фејсбук литература?

Калина: Немам ништо против. Мене ми е многу интересен. Јас на Фејсбук читам што се пишува, особено во однос на песни и кратки раскази, оние пократки форми кои што се пишуваат на Фејсбук. Некои сметам дека се одлични, некои не ми се допаѓаат. Тоа што се на Фејсбук значи дека не се поминати низ некоја рецензија – дали од издавачка куќа, од лектор или од рецензент – но тоа не значи автоматски дека е нешто лошо. Но, затоа е многу различен квалитетот – од многу добро до многу лошо. Чисто како феномен е интересен и е убаво што може слободно да се пишува, дури и без да се издаде книга.

3Н: Да, но постои и еден пораст на, да речеме, неквалитетни и клише автори.

Калина: Не сум читала се. Има имиња на автори коишто многу луѓе ги спомнуваат, но ако не сум Фејсбук-пријател со нив, сум ги пропуштила. Кажувам чисто од она што сум го гледала јас и не можам да дадам некоја општа претстава, бидејќи многу од тие луѓе кои пишуваат на Фејсбук воопшто не сум ги читала, значи немам многу искуство на оваа тема.

3Н: Кое е вашето мислење за преведувачката сцена во Македонија?

Калина: И тоа е многу многу е неблагодарно вака да се каже, ако не се истражува. Јас имам некоја генерална слика бидејќи следам книжевни дела. Проблемот е што најчесто англиските книжевни дела, за коишто би можела да го проценам преведот, јас ги читам во оригинал. Главно читам преводи на германски, француски итн. дела – јазици кои не ги знам – и тука не можам да судам за преводот. Оние дела кои ги гледам паралено и во оригинал и во превод се релативно малку на број за да можам да коментирам. Од она што сум видела, можам да кажам дека има и одлични преводи, има и преводи кои не се добри. Но пак ќе речам дека е неблагодарно да се даде генерална слика, бидејќи ниту процентуално имам претстава колку се добри, а колку лоши, ниту пак сум ги анализирала внимателно, значи имам само некое субјективно гледиште за преводите. Ако некој параграф ми звучи чудно се навраќам на оригиналот на англиски, и тогаш гледам дали станува збор за некое интересно креативно решение, па затоа така звучи, или пак е лошо разбрано. Општо земено, од тоа што го гледам, има навистина различен квалитет на преводи.

Насловна фотографија: Лилика Стрезоска

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s