Од вечерва во Скопје – „Прво па женско #5“

Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско #5“ започнува вечерва во 20:00 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Како што велат организаторките програмата на ова издание „ги враќа назад некои од незаборавните учеснички и учесници од претходните години, на кои им се придружуваат нови возбудливи пријател(к)и на фестивалот.“

Програмата започнува со проекција на кратките филмови „Елена” (Дина Дума), „Долорес“ (Радован Петровиќ), „Влакна“ (Елеонора Венинова) и „Ќе дојдат децата“ (Ана Јакимска). По проекцијата следува разговор со авторите, модериран од Румена Бужаровска. Поради ограничениот број на столчиња во киното Фросина по 13 часот се пуштени бесплатни билети, со цел да се избегне гужвата, но ќе можат да влезат и оние кои не обезбедиле билет, односно „со стоење“. За музичкиот дел денеска, и дел од програмата „Дамите бираат“, е задолжена Ilina Angel.

18485621_10155207300165797_4637094996972517952_n
За утрешниот фестивалски ден се предвидени предавањето (19:00) на Сандра Дален (Шведска) на тема „Вагинален секс“ и перформанс на Драгана Стојчевска Гунин насловен „Каде одат претставите што не се случуваат?“ (2, по кој ќе следи и дискусија. Соња Исмаил и Ана Мало пуштаат музика како дел од „Дамите бираат“ во 22:00.

18404161_641580646037973_3877679017519571100_o.jpg

Во сабота програмата започнува со панел дискусија на тема „Родовата и сексуалната (не)еднаквост во Југославија: помеѓу револуционерната утопија и историскиот континуитет на патријархатот“. Во дискусијата ќе земат учество Франко Дота, Ивана Пантелиќ и Тијана Окиќ, а модератор ќе биде Славчо Димитров.

Следуваат гостите од Србија БИТЕФ Театар со претставата „Црвена љубов“, која е во режија на Олга Димитријевиќ. Во претставата играат Владимир Алексиќ, Јелена Илиќ, Милица Стефановиќ и Ана Ќурчин, а музиката е на Ана Ќурчин.

Вечерта завршува со концерт на King’s Peach, Contact 59, SEINE, Kukla и Bitipatibi.

This slideshow requires JavaScript.

На последниот фестивалски ден ќе се случуваат повеќе паралелни работи на платото на МКЦ. Базар на кој ќе земат учество MightyJewelry, Глигор Кузмановски, CRUSH, Em Ellephantski, Ѓорѓе Јовановиќ, ATAMI, BullBerry, ПлетЕлица, MaiCraft’s, LUDUS, WizArt, Pocket Gallery, Mei Ro, M’Crafts, Farina’s handmade, Okokori, Nikulec pop-up store, Seed of Life и Васко (ДКЦ).

Потоа работилницата за татковци и ќерки на Доротеј Нешовски и работилница за поправање точаци за девојки на Bikestop. Во текот на целиот ден музика ќе пуштаат Мајда и Весна, Мариго Антов, Виолета Качакова и Дискордиа Дисидент Сет.

Фестивалот завршува со „Храна“ на ХНУ и со ЛезФемСлем  „Жените тоа го прават гласно!“.

Паралелно на главната програмата постетителите ќе можат да ги видат изложени во бифето на кино Фросина постерите од конкурсот за „Прво па женско #5“, како и изложбите Христина Иваноска, Сирота мала богаташица (избришано минато), 2014-2015  и HAVEIT (Косово), Pilule du Lendemain, 2017.

*Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО е поддржан од Европската Унија и од FRIDA Young Feminist Fund. Содржината на фестивалот е одговорност единствено на Тиииит! Инк. – Скопје и на ниеден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.

HBO со филмска адаптација на „Фаренхајт 451“ со Мајкл Б. Џордан во главната улога

Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери е еден од оние класични романи – како „1984“ и „Приказната на робинката“ – кои многу ги читале за време на училишните денови, а кои во моментов доживуваат пораст на продажбата поради нивната „непријатна“ важност.

Книгата е приказна за еден „пожарникар“ кој гори книги во дистпосиката иднина каде медиумите се еден вид дрога, а книгите и историјата се забранети. Книгата ни ја демонстрира опасноста која доаѓа од фокусирањето на непосредните возбуди до таа точка што оние на власт можат да забранат и избришат фундаментални делови од нашата култура без било каков спротивставување. Звучи познато?

fahrenheit-451-michael-b-jordan-y-michael-shannon-lideraran-la-nueva-adaptacion-main-1492714644

HBO ќе продуцира филмска адаптација на романот на Бредбери од 1953 со Мајкл Б. Џордан („Крид“, „Хроника“, „Фантастичната четворка“) како протагноистот Гај Монтаг и Мајкл Шенон („Човек од челик“, „Boardwalk Empire“) како шефот на Монтаг, Капетан Бити.

Филмот ќе биде режиран од Рамин Бахрани („99 домови“, „По секоја цена“), кој работи и на сценариото заедно со Амир Надери („99 домови“, „Тркачот“). Дејвид Коустворт (продукциски менаџер на „Подземје: Еволуција“, „Играта на Ендер“, „Мојата голема дебела грчка свадба“) ќе биде продуцент.

Фаренхајт 451“ досега повеќепати е адаптиран, а најпозната адаптација е филмот од 1966 на Франсоа Труфо.

Иако се уште нема објавено датуми врзани за проектот, поголем дел од медиумите шпекулирата дека ќе излезе во 2018.
Извор: BookRiot

 

Петочна поезија: „Во мојот град“ – Ана Голејшка

skopje-in-total.jpg

Овде
графитите веќе ги нема
младите зеваат
пред компјутерската врева
И сливите нема кој да ги бере
Но. Знам.
Има што да се најде по калдрмите.
Зборови, години, мината и слабости
грамади бол, векови и радости.
Овде
Потајно секој сака да умре со некој.
И да не остане Секој.

Во мојот град
не се тркалаат мандарини
таксистите и не мораат да бидат фини
склопуваме коцки
од омраза и мостови од лицемерија
за да споиме две точки.
А и Б.

Во мојот град
Или нашиот, како сакате.
Спомениците се толку грди
што и во Вардар би скокале.
Но. Знам.
Има што да се најде по калдрмите.

Промаја во бурек, во ôд во забен процеп.
Забава што замрена
е повеќе жива одошто танцувачите.
Во мојот град
Живи се само свирачите
На опелото за будење.

-За Скопје, по којзнае кој пат.

Саемски „плен“ – made in Macedonia #СаемНаКнигата2017

Оваа година Саемот на книгата повторно не искушуваше со шарените штандови и одличната понуда на книги. Иако вообичаено одам и талкам низ халите без некаков план, купувајќи се што ќе ми дојде при рака, оваа година влегов на Скопскиот саем со една едноставна одлука – купувам само македонски автори. И верувале или не успеав да се придржувам до тоа што го решив (со еден чесен исклучок).

Генералното гледиште на пошироката јавност е дека македонската книжевност нема многу што да понуди во поглед на нови и интересни наративи, но тоа дефинитивно не е вистина. Имаме одлични автори на кои треба да им се посвети внимание и кои треба да бидат интезивно промовирани за да допрат до пошироката читателска јавност.

Во продолжение можете да ги видите книгите за кои се одлучив во овие саемски денови. Далеку од тоа дека овие се единствените книги од македонски автори кои ме привлекоа и кои вредат да се прочитаат, но отом потом. Секогаш има простор за уште книги и по саемот.

Овие книги ќе станат и дел од мојот „Книжевен дневник“, кој започна со рецензијата за „Ловец во ‘ржта“.

8 spij

Румена Бужаровска – Спиј

Дел од едицијата „Друга приказна“, ова книџе содржи 35 расказчиња кои во себе го носат она познато чувство на нелагодност и збунетост кое го има во сечии соништа. Доловени се и тие нелогични потсвесни врски кои мозокот ги прави за да се справи со секојдневните преоптеретувања. Лични фаворити ми се „Тајно“ и „Логор“, меѓутоа секоја приказна е одлична на свој начин.

16508446_1835826876691648_8809221718539547115_n

Зигфрид Ленц – Минута молчење

„Седнавме облеани со солзи“ – така почнува, со завршниот хор на Бах, новата приказна на Зигфрид Ленц, „Минута молчење“. На погребната церемонија во аудиториумот на средно училиште, некаде на северниот брег на Германија, која е организирана за наставничката Стела, додека помладите ученици се буцкаат и туркаат, додека очите на многу колеги се влажни, а ритуалот на говори, венци и песни се одвива на сцената, ученикот Кристијан најмногу страда, горко, бидејќи младата наставничка по англиски јазик била првата голема љубов на неговиот живот. Сите стануваат за едноминутното молчење и во овој момент Кристијан се сеќава на изминатата среќа и си ја раскажува на себеси и на читателите оваа приказна.

17425949_1068051623301056_9139504548537052209_n

Давор Стојановски – Собирачи на пепел

Добитник на наградата Роман на годината за 2016 од „Утрински весник“. „Романот „Собирачи на пепел“ претставува книжевно остварување кое се издвојува според својот особен стил, дело кое е изведен во духот на едно ново писмо. Романот обработува веќе познати егзистенцијалистички теми како што е чувството на осаменост, стравот од блискоста, проблематичниот топос на домот како место на припадност, постојаната потрага по среќата и смислата.“ – Петар Андоновски

Nevidlivi ljubovi-500x500

Владимир Јанковски – Невидливи љубови

Добитник на Рациново признание во 2016 и македонски претставник за „Балканика“. Романот Невидливи љубови на Владимир Јанковски опфаќа три приказни, во кои авторот преиспитува некои од клучните аспекти на современата љубов: односот меѓу присуството и отсуството, опседнатоста со појавното и со видливото, идејата за Другиот како конструкција и како фикција.Две нетипични бајки за возрасни премостени со динамично раскажана реалистична приказна, во кои како во музичка композиција идеите варираат, се надополнуваат, си противречат или течат паралелно една покрај друга.

17493110_1070031826436369_5215878607590640970_o

Ненад Јолдески – Секој со своето езеро

Книгата е составена од 14 кратки раскази кои тематски осцилираат околу загрозените урбани пејзажи на градот, околу идентитетот и отуѓувањето, љубовта и тагата, постоењето и смртта. Расказите најчесто се пишувани во минималистички манир, со исклучок на расказот „Николај и мастилавото езеро“ кој се наоѓа во средиштето на книгата. Расказите се тензични, драматични и меланхолични, проектирани во двојна перспектива и базирани на канонот на урбаниот топос. Книгата навидум е поделена на четири делови кои се најавени со куси пасажи или цитати. Првото издание на книгата го објави издавачката куќа „Темплум“ во 2012 година. Второто издание го објави издавачката куќа „Или-Или“ во 2016. Во 2016 книгата ја доби „Европската награда за литература“.

17799484_10211949426798338_7263648878167146325_n

Оливера Ќорвезироска – (Со)шиени раскази

За збирката раскази „(Со)шиени раскази“, која е четврта во богатата библиографија на Ќорвезироска, Гоце Смилевски нагласува: „И во ’(Со)шиени раскази‘, како и во сите претходни дела на Оливера Ќорвезироска, се чувствува посебниот однос што таа го има кон/со јазикот. При гласното исчитување на расказите од циклусите ’Оверлок‘ и ’Цик-цак бод‘, читателите ќе забележат дека, дали заради начинот на кој се врзани еден со друг, или заради целата приказна што ја носат, или и заради едното и другото, зборовите имаат едно специфично синестезичко својство. Тие понекогаш блеснуваат со светлоста на пастелните тонови, понекогаш се матни, густо нанесени бои, другпат се драматично јарки, а секогаш како со игла го допираат срцето. И секогаш се борат за смислата на постоењето, а против бесмислата и недоразбирањето.“

16299527_1066623443449816_6262040107463013313_n

Исповеди на еден Психотичен Ум е слика на младите, урбани луѓе кои се во потрага по своето место во новото динамично општество во кое правилата и вредностите се во голема мера разнишани. „Со емоционално мотивираните вулгаризми, Ристевски можеби по малку наликува на извонредниот Чарлс Буковски или, поточно, по начинот на пишување, Ристевски е некаде на средина помеѓу условно вулгарната непосредност на Буковски и живиот, разговорен јазик на раскажувачот Рејмон Карвер.“ Проф. д-р Драги Михајловски

394_0_1_16__7__11_2013Ljubov na ulica
Првата збирка на младата македонска поетеса Ана Голејшка. Издадена е во 2013, а промовирана во 2014. Ако се уште се мислите дали да и дадете шанса, погледнете ги овие песни објавени на Окно.

Книжевен дневник: „Ловец во ‘ржта“ – Џ.Д. Салинџер

Годинава се одлучив да си поставам висока цел на Goodreads предизвикот – 100 книги. Бидејќи сум во последната година од студиите и во последниот семестар имам предмети кои се занимаваат со книжевноста и за кои треба доста да се чита, помислив дека би можела да ја остварам оваа „недостижна“ цел.

Во овој нов сегмент на мојот блог ќе можете да ги видите книгите кои ми оставиле најголем впечаток – стари фаворити и нови откритија и љубови. Сите ќе добијат кратка рецензија и мое мислење. Во секој случај тоа ќе бидат книги кои од се срце би ви препорачала да ги прочитате.

За почеток ја одбрав „Ловец во ‘ржта“, која ја работев во рамките на предавањата по Американска книжевност на Филолошкиот факултет кај професорката Румена Бужаровска.

the-catcher-in-the-rye-cover-6c8dab7d64192277315d6bf528d6f7b2

Ловец во ‘ржта

Оваа книга е приказна за тинејџерот Холден Колфилд, кој зборува за тоа што се случило со него во декември 1949. Преку неговите зборови дознаваме многу за него и неговите погледи на светот, но и како тој се чувстува за луѓето околу него. Го следиме како всушност се бара себеси низ улиците на Њујорк, обидувајќи се да избега од неизбежното влегување во светот на возрасните.

Книгата обработува голем број на теми меѓу кои се невиност, смрт, автентичност и сексуалност.

На Холден можеме да гледаме како еден вид Петар Пан, дете кое не сака да порасне. Тоа е во голем дел поради смртта на неговиот брат Али со кој тој чувствувал голема поврзаност. По неговата смрт Холден страда од ПТСР (посттрауматско стрес растројство) и целото негово патување во книгата е всушност градирање на неговиот нервен слом.

Тој ги презира возрасните и тоа што тие го претставуваат, но и како се однесуваат окарактеризувајќи ги со зборот „phony“, кој е еден вид лајтмотив во книгата. Дури и оние возрасни кои ги почитува, на крајот го разочаруваат. Во текот на целата книга единствените возрасни личности кон кои има позитивни чувства се две калуѓерки, кои ќе ги сретне на железничката станица во Њу Јорк.

Најповрзано се чувствува со децата. Омилена личност во неговиот живот е неговата помала сестра Фиби. Самиот наслов произлегува од една реченица која тој ја кажува во разговорот со неговата сестра Фиби, кога таа ќе го праша што сака да биде кога ќе порасне:

Anyway, I keep picturing all these little kids playing some game in this big field of rye and all. Thousands of little kids, and nobody’s around – nobody big, I mean – except me. And I’m standing on the edge of some crazy cliff. What I have to do, I have to catch everybody if they start to go over the cliff – I mean if they’re running and they don’t look where they’re going I have to come out from somewhere and catch them. That’s all I do all day. I’d just be the catcher in the rye and all. I know it’s crazy, but that’s the only thing I’d really like to be.

Критичарите ја толкуваат оваа сцена како замислен обид на Холден да ги спаси децата од нивниот неизбежен влез во светот на возрасните и губењето на нивната невиност и искреност.

Специфичен во книгата е јазикот. Селинџер ја користи техниката сказ, која во пишана форма го имитира говорениот јазик. Затоа ја имаме илузијата дека Холден ни се обраќа токму нас. Бидејќи англиската форма „you“ може да се однесува на едно или повеќе лица, тешко е да се процени дали Холден „пишува“ нешто наменето само за очите на една личност или на повеќе личности.

Книгата често била оспорувана поради употребата на вулгарен јазик, како и сексуални референци, поткопувањето на семејни вредности и моралот, поттикнување на бунт и промовирање на пиење, пушење, лажење и промискуитетност. Исто така неколку атентати се поврзуваат со оваа книга како на пример атентатот на Роналд Реган и атентатот на Џон Ленон. Атентаторите ја навеле оваа книга како влијание.

Иако оваа книга е преведена на македонски, јас би ви препорачала да ја читате во оригинал ако тоа го можете. Кај нас се уште постои отпор кон преведување на книги на начинот на кој се напишани, па и оваа книга е непотребно лекторирана до тој степен да Холден не звучи како тинејџер, туку како високообразован возрасен. Книгата не е иста без тој аспект.

Петочна поезија: „Q&A“ – Бојан Марјановиќ

Бојан Марјановиќ (Ужице, 1990), дипломирал новинарство на Факултетот за политички науки во Белград.  Ја објавил поетската збирка „Политика, порнографија, поезија“ (Књижевна радионица Рашиќ, 2015).  Ја добил стипендијата на НИН за роман во создавање за 2015 година, како и наградата Лаза Лазаревиќ за необјавен расказ за 2013 година. Објавува раскази, песни и есеи во периодиката.

Живее во Белград каде што работи како новинар за списанието „Лицеулице“ и објавува свои новинарски текстови и книжевна критика во медиумите низ Југославија. Од декември 2013 година, заедно со Тијана Спасиќ работи како уредник на книжевната програма Градска библиотека на културниот центар Град.

knjiga03foto_marko_rupena

Q&A

ја потпираш главата на моето рамо
собата ја осветлуваат трошките
на лампионската светлина
која успеала да се пробие низ ролетните
се насмевнуваш
не сфаќам зошто
со усните ми го опколуваш увото
и сосема тивко ме прашуваш
бојан
би сакал ли да ме ебеш

мила
твоето прашање звучи многу грубо
ама види вака
би скокнал во твоите две езера
под челото
би веслал со трепките
и таа вештина би ја издигнал на ниво на олимписка дисциплина
а кога ќе стигнам до копното
би се качувал на тие твои јаболчици
како моќен алпинист
силвестер сталоне кој
со усните ќе забоде застава
на твоите два рида под очите
потоа би ги проучувал геометриските можности
на преклопувањето на нашите усни
јас
инаку
многу се интересирам за такви работи
потоа би се фрлил на вратот
би ја означувал својата територија и би марширал по неа
земјата на бојан е таму кај што се бакнежите на бојан
по тој воен поход со насмевка
би се сетил како јаболчиците навистина биле мачкина кашлица
во однос на планините кои ме очекуваат
тука на помош на усните ги викам и прстите со кои
нежно ти ги милувам брадавиците
како некакви
хиперсензитивни потенциометри од научно-фантастичен филм
потоа би се спуштил до папокот
општото место на девојчинската убавина
кој во твојот случај докажува
дека општите места ќе го спасат светот
би морал еден бакнеж да му подарам
и на она што олдтајмерите го нарекуваат
венерин брег
иако тој е повеќе долина
во споредба со твоите планини
кои веќе ги освоив
со јазикот би напредувал по твоите нозе
додека на крај не дојдам
до десетте весели џуџиња
а морам со секој од нив одделно да се избакнам
таков е редот
па дури по таа церемонија
со внатрешната страна на бутовите
би допрела еден мој
долгогодишен пријател
кој
дотеран
намирисан
и по малку заруменет
би тргнал на средба
со твојата пријателка

гледаш
мила
одговорот на прашањето
кое ми го постави
е многу посложен отколку
што можеби очекуваше
но ако си уморна
и ако не си расположена да ти го цртам алгоритмот
на овој компликуван психофизички процес
тогаш
да
мила

би сакал да те ебам

Песна од збирката „Политика, Порнографија, Поезија
Превод од српски: Елизабета Баковска.

Едиција Бореа, книга 38
Издавач: Блесок

Извор: Поетско читање на Марко Томаш и Бојан Марјановиќ

Зошто треба да ја слушаме „Четирите годишни времиња“ на Вивалди?

Лесна, светла и радосна, „Четирите годишни времиња“ на Антонио Вивалди е една од најпознатите композиции од раниот 18ти век, која е искористена во безброј филмови и телевизиски реклами. Но кое е нејзиното значење и зошто звучи така? Бетси Шварм ни го открива скриениот наратив на ова музичко ремекдело.

Кога биле објавени во 1725 во Амстердам „Четирите годишни времиња“ биле придружени со поеми, кои прикажувале точно кој аспект од тоа годишно време Вивалди сакал да го претстави музички. Ако ги читаме поемите додека ги слушаме композициите ќе забележиме дека тие се прилично добро синхронизирани.

Ваква експресивна инструментална програмска музика, како што била позната, станала популарна дури во раниот 19ти век. Овие дела ги изведувале поголеми и поразновидни ансамбли со дувачки и ударни инструменти, кои помагале во раскажувањето на приказната. На Вивалди тоа му успеало само со една виолина и жичени инструменти.

За разлика од Бах, Вивалди не бил заинтересиран за комплицирани фуги, туку преферирал на својата публика да и нуди лесно достапна забава. Со мелодии кои се појавуваат повторно во текот на делото за да не потсетат каде сме биле. Така концертот „Пролет“ почнува и завршува со истата тема, кај која има мали варијации.

Вивалди бил еден од најдобрите виолинисти на раниот 18ти век и знаел колку е важно да се привлече публика. Често бил главната ѕвезда на овие концерти, а на нив можеле да се слушнат и младите музичари од „Pietà“, венециско училиште за девојки, каде Вивалди бил музички управител.

Дури и во времето на Вивалди неговата музика била наменета за сите, а не само за богатите. 300 години подоцна тоа е се уште точно.

Извор: TedEd

 

Инспиративни цитати од ментори од фикцијата [инфографик]

Кој не посакал да го има Дамбалдор или Гандалф Сивиот за професор? Иако овие волшебници не ни се професори ние сепак можеме да се инспирираме од нивните мудри совети. Овој инфографик од Playground Equipment ќе ви ја даде потребната инспирација преку 30 инспиративни цитати од фиктивни професори и ментори:

1. Џон Китинг – „Друштвото на мртвите поети“

Без разлика на тоа што ќе ви кажат, зборовите и идеите можат да го сменат светот.

2. Ремус Лупин – „Хари Потер и Смртоносните Светии: 2 дел“

Квалитетот на нашите убедувања е она што го одредува успехот, не бројот на следбеници.

3. Албус Дамбалдор – „Хари Потер и Огнениот Пехар“

Разликите во нашите навики и нашите јазици не значат ништо ако нашите цели се исти и нашите срца се отворени.

4. Џорџ Фини – „Момчето го запознава светот“

Ако дозволиш начинот на кој другите те доживуваат да го одредува твоето однесување никогаш нема да пораснеш како личност.

5. Гандалф Сивиот – „Господарот на прстените“

Се што треба да одлучиме е што да правиме со времето кое ни е дадено.

6. Господин Мијаги – „Карате Кид“

Не е страшно да изгубиш од противникот. Страшно е да изгубиш од стравот.

7. Госпоѓица Валери Фризл – „Магичниот школски автобус“

Ризикувај, прави грешки, понекогаш извалкај се.

8. Јода – „Војна на ѕвездите“

Направи го или не го прави. Нема обид.

9. Квај-Гон Јин – „Војна на ѕвездите“

Секогаш има надеж мој пријателе иако често доаѓа во необични форми. Клучот е во тоа да знаеш како да ја видиш и да ја искористиш таа прилика.

10. Вил Шустер – „Гли“

Не се скршените соништа тие кои не уништуваат. Тоа се оние кои не се осмелуваме да ги отсонуваме.

11. Чарлс Ксавиер – „Икс Мен #2“

Најголемата моќ на земјата е величествената моќ која сите ја поседуваме… моќта на човечкиот мозок.

12. Мери Попинс – „Мери Попинс“

Во секоја работа која треба да се заврши има елемент на забава.

13. Ирох – „Аватар: Последниот господар на воздухот“

Важно е да се влече мудрост од различни места. Ако тоа го правиш само од едно место, станува ригидна и бајата.

14. Добрата самовила – „Пепелашка“

Дури и на чудата им е потребно време.

15. Учителот Сплинтер – „Нинџа желки“

Нема чудовиште поопасно од недостигот на сочувство.

16. Господарот на самураите – „Самурај Џек“

Ништо што е вредно да се поседува не се стекнува лесно. Понекогаш мора да се бориш за тоа што е твое и за она во кое веруваш.

17. Учителот Шифу – „Кунг Фу Панда“

Се е возможно ако имаш внатрешен мир.

18. Дјуи Фин – „Рок училиште“

Едно добро рок шоу може да го смени светот.

19. Фа Жоу – „Мулан“

Колку убави цветови имаме оваа година. Но види, овој уште не процветал. Но се обложувам дека кога ќе процвета ќе биде најубав од сите.

20. Императорот на Кина – „Мулан“

Цветот кој цвета во несреќни околности е најреткиот и најубавиот од сите.

21. Госпоѓица Хани – „Матилда“

Често размислувам за тоа, но… не можам да ги напуштам моите деца. И кога не би можела да предавам, би немала ништо.

22. Рафики – „Кралот Лав“

О да, минатото може да боли. Но можеш да бегаш од него или да учиш од него.

23. Муфаса – „Кралот Лав“

Храбар сум кога мора да бидам храбар. Да бидеш храбар не значи самиот да одиш и да бараш невољи.

24. Фред Роџерс – „Соседството на господин Роџерс“

Знаењето дека можеме да бидеме сакани баш такви какви што сме ни ја дава на сите најдобрата шанса да пораснеме во најздравите луѓе кои можеме да бидеме.

25. Госпоѓа Ратбурн – „Артур“

Кога ќе стекнеш добри работни навики ќе видиш дека си способен за многу повеќе од тоа што мислиш.

26. Бикот кој се смее – „Каубојот Бибоп“

Не се плаши од смртта. Смртта е секогаш на наша страна. Ако и покажеме дека се плашиме, скока кон нас побрзо од светлината, но ако не и покажеме страв, нежно не погледнува и потоа не води во бесконечноста.

27. Глен Холанд – „Опусот на господин Холанд“

Свирењето на музика треба да е забавно. Се работи за срце, се работи за чувства, за трогнување на луѓето и за нешто убаво, а не за нотите на страницата. Можам да ве научам за нотите на страницата, но не и за оние другите работи.

28. Бабата Врба – „Покахонтас“

Понекогаш правилниот пат не е најлесниот.

29. Госпоѓа Норбери – „Злобни девојки“

Знам дека имањето на момче изгледа како единственото важно нешто во моментов, но не треба да се „оглупавуваш“ за да му се допаднеш на некој дечко.

30. Татсуо Кусакабе – „Мојот сосед Тоторо“

Сите обидете се да се смеете. Тогаш што и да ве плаши ќе исчезне!

0-F2AzARVtBMhr0B1T.jpg

Извор: ElectricLit

30 филмови кои ќе ви го подобрат расположението

На сите ни се случува да имаме лоши денови. Денови кога ништо не ни од рака – автобусот ни бега пред нос, кафето кое само што сме го купиле ни паѓа од рака, се сопнуваме и на најмалата препрека на патот. За мене најдобриот начин да го подобрам денот е да се изгубам во добра музика (ако сум во движење) и добра книга или добра филм ако сум дома.

Корисничката на една од најпопуларните страни за филмови LetterboxdSin Popena, има напревено една одлична листа на филмови, кои можат да ви го свртат денот на подобро:

1. The Perks of Being a Wallflower (2012)

2. Hunt for the Wilderpeople (2016)

3. Juno (2007)

4. The Breakfast Club (1985)

5. Bridget Jones’s Diary (2001)

6. Amélie (2001)

7. Pride and Prejudice (2005)

8. It’s Kind of a Funny Story (2010)

9. Whip It (2009)

10. The Secret Life of Walter Mitty (2013)

11. Scott Pilgrim vs the World (2010)

12. The Holiday (2006)

13. Forrest Gump (1994)

14. Roman Holiday (1953)

15. Big Fish (2003)

16. When Harry Met Sally (1989)

17. Harold and Maude (1971)

18. Safety not Guaranteed (2012)

19. Submarine (2011)

20. The Philadelphia Story (1940)

21. Life of Brian (1979)

22. The Big Lebowski (1998)

23. Intouchables (2011)

24. Guardians of the Galaxy (2014)

25. Grey Gardens (1975)

26. About Time (2013)

27. The King’s Speech (2010)

28. Inside Out (2015)

29. A Hard Day’s Night (1964)

30. Wall-E (2008)

Петочна поезија: „Мојот народ“ – Марко Томаш

Марко Томаш е роден во Љубљана 1978 година. Основно училиште посетувал во Мостар и Кљајичево а гимназија завршил во Сомбор. Тој е еден од основачите и уредниците на Kолапс. Новинарски текстови има објавувано во БХ Дани, Глас Истре и Ферал трибјун. Новинар е во zurnal.info. Објавувал поезија и проза на босанско-херцеговски, хрватски и српски. Песните му се преведени на италијански, полски, германски и англиски јазик. Живеел и работел во Сараево, Загреб и Сплит. Моментално живее и работи во Мостар.

17191982_10155057804744919_7197586106154270534_o

Мојот народ

Мојот народ е растурен по градови.
Моите луѓе се будат во Сајгон и Манагва.
Пијат во загрепските кафеани и на сплитските ѕитчиња.
Одлепуваат со спид во сараевските ноќи.
Возат деца во школо по виенските улици.
Халуцинираат под берлинското небо.
Брзаат на работа во Париз.
Свират бенџо во единбуршките пабови.
Вежбаат јога во Сомбор.
Мочаат во белградските ходници.
Се сакаат на Босфор.
Кажуваат мрсни вицеви по мостарските дворови.
Мијат садови во копенхашките ресторани.
Бараат сончево место во Осло.
Бездомни сирачиња, Дикенсови момчиња и девојчиња.
Мои луѓе, велам.

Песна од збирката „Избрани песни
Избрал и приредил: Флавио Ригонат.

Превод од босански: Калина Буневска Исаковска.
Едиција Морфеј, книга 21
Издавач: Блесок

Извор: Поетско читање на Марко Томаш и Бојан Марјановиќ